Од првата политичка сила во Бугарија „Има таков народ“ (ИТН) падна на третото место, меѓутоа, разликите меѓу Демократска Бугарија, ИТН и БСП се во рамките на статистичка грешка, за бТВ изјави социологот од „Маркет линкс“, Добромир Живков.
Податоците се добиени од последното национално истражување на јавното мнение, финансирано и спроведено заедно од бТВ и „Маркет линкс“, а беше спроведено во периодот од 13 до 22 август.
-ГЕРБ е повторно првата политичка сила во земјата, со добра мобилизација во текот на летните месеци, што донекаде е изненадување. Но, од друга страна, разочарувањето од протестните партии да формираат функционална влада дел од изгубеното јадро повторно го води кон оваа партија, коментира Живков.
Политичката криза во која се наоѓа земјата и неможноста во првите два мандата да се формира редовна влада, значително ги зголемија тензиите во јавноста.
-Бугарските граѓани недвосмислено изјавуваат дека не се задоволни од правецот на развој на земјата. Во претходните месеци, брановите на пандемијата на коронавирусот беа фактор во таквите ставови, но сега четвртиот бран на инфекцијата е многу помалку важен во обликувањето на јавното расположение. Националното собрание повторно има најниско ниво на доверба на јавноста меѓу бугарските институции. Намалувањето на довербата кон него за само еден емсец е немалено за околу 10 отсто. Трендот е спротивен за техничката влада. Во август, довербата во неа беше 54 отсто, што е за околу три отсто зголемување во споредба со јули, вели Живков.
Токму развојот на политичките процеси во последните недели доведе до општ пад и на нивото на доверба во протестните партии, додека т.н. статус кво партиите делумно ги враќаат своите позиции.
-Во март, како и во ноември минатата година, главната движечка сила во намалувањето на задоволството од развојот на земјата беше пандемијата. Во март имавме и предизборна атмосфера, што дополнително ги разгоре страстите, коментира социологот.
Бугарскиот гласач смета дека одговорноста за неуспешното формирање на владата со првиот мандат е прилично споделена, бидејќи 43 отсто велат дека одговорноста лежи кај двете потенцијалните коалициски страни, и ИТН, која ја предложи нивната нацрт влада, како и кај „Демократска Бугарија“ и „Исправи се БГ: Ние доаѓаме“, кои одбија да ја поддржат.
-Сепак, поголемите негативности во моментов се однесуваат на ИТН, отколку на ДБ и ИБГНИ, додава Живков.
Довербата во протестните партии континуирано опаѓа од мај. Посуштински тоа повторно е забележливо кај ИТН, додека спротивен е процесот кај таканаречените статус кво партии – ГЕРБ, БСП и ДПС. ГЕРБ останува на истата позиција, но довербата во БСП и ДПС малку се зголемува.
-Насоката на одобрување на политичките сили не секогаш се отсликува или различно се рефлектира во изборната поддршка за партиите , вели Живков.
На прашањето дали ќе гласаат на нови предвремени избори 54 отсто од анкетираните одговориле со „да“,а дефинитивно нема да гласаат само 10 отсто од бугарските гласачи.