Кандидатот за градоначалник на Гевгелија од ВМРО-ДПМНЕ, Андон Сарамандов во интервју за Вечер.мк вели дека Гевгелија има посебно место во неговото срце. Израснав во чаршијата во Гевгелија и не можам да бидам нем набљудувач на новиот тренд на иселување на моите сограѓани во други држави, феномен кој оваа локална власт го преспа, вели Сарамандов

Кој беше мотивот клучниот момент за одлука за кандидатура?

Кога се пријавив за кандидат за оваа благородна функција бев свесен дека нејзиното извршување значи откажување од приватниот живот и целосна посветеност кон општата благосостојба на Гевгелија. Главниот мој мотив е да ја вратам гордоста на гевгеличани и Гевгелија повторно да го добие приматот на најперспектирано место за живеење во Македонија.

Свесен сум дека ми претстои тешка задача затоа што Гевгелија е силно погодена од пандемијата со корона вирусот и е соочена со многубројни предизвици коишто се закануваат да го ослабнат нејзиното економско и социјални ткиво: невработеноста, сиромаштијата, неконтролираното и масовно иселување на младото население, изумирањето на локалната економија.

Кој е најголемиот проблем според вас со кој се соочуваат граѓаните?

Гевгелија има посебно место во моето срце, израснав во чаршијата во Гевгелија и не можам да бидам нем набљудувач на новиот тренд на иселување на моите сограѓани во други држави, феномен кој оваа локална власт го преспа. Секој млад човек заслужува шанса да работи и твори во своето родно место, битката за зачувување на младите во својот роден крај е зацртана во моето дејствување и од тоа нема да се откажам.

Деновиве рековте општина Гевгелија одамна го загуби епитетот на најразвиен и најевропски град во Македонија. Што ќе направите вие да ја смените оваа слика?

Прво, мораме сите да научиме дека Гевгелија се сака со конкретни дела, а не само со празни флоскули за просперитетна иднина. Скоро ништо од проектите Живот за сите од локалните избори 2017 година не е реализирано за доброто на граѓаните на општина Гевгелија. Затоа, денес на изминување на мандатот на градоначалникот Сашо Поцков, евидентно е дека општина Гевгелија стагнира и дека нема развојна компонента.

Мојата визија е Гевгелија да биде општина која поуспешно ќе ги менаџира потребите на гевгеличани и реализирање проекти кои ќе придонесат за побрз развој на општина Гевгелија. Како човек кој израснал во Гевгелија, како човек кој е секојдневно во комуникација со своите сограѓани добро ги познавам проблемите во нашата општина.

Пандемијата со корона вирус ни покажа дека покрај казинскиот туризам, потребни се и алтернативни решенија за развој на туризмот а со тоа и остварување дополнителни приходи.

Гевгелија има прекрасна местоположба, богата е со ресурси и верувам дека со конкретен план и напорна работа ќе реализираме многу проекти за просперитетна и поубава Гевгелија. Ќе се борам Гевгелија да се здобие со поголема финансиска самостојност, за да може да ги оствариме конкретните замисли.

Кои проекти ќе ги спроведете во текот на мандатот?

Во мојата програма за локалните избори нема да има неостварливи мегаломански проекти, ќе ги слушнам сите предлози и решенија на моите сограѓани и ќе подготвам програма со реални проекти. Без политички активизам, ќе го вклучам целиот интелектуален потенцијал на секој еден човек од нашата општина. Сакам да соработувам со секој жител на нашата општина, којшто има добронамерни забелешки и конкретни предлози за нејзиното подобро утре. Јас сум по природа оптимист и знам дека многу мои сограѓани ќе знаат да ја препознаат таа моја визија.

Кои се столбовите на вашата програма за четиригодишниот мандат? Мојата програма за подобра Гевгелија има 4 столба. Првиот, стратегија за туризам и искористување на сите туристички потенцијали во општина Гевгелија, вториот, младите и спортот, третиот, екологија и зелени површини, четвртиот, добар урбанизам.

Од кои начела ќе се водите при работата?

Нас ќе ни судат идните генерации по тоа колку сме дале, а не колку сме зеле од нашиот град кога тој ни бил ставен на управување. Затоа како градоначалник на општина Гевгелија нема да се водам од начелото “фати го моментот”, земи се што ќе можеш,вработи ги своите,узурпирај го градот.

Прво мора да ја вратиме вербата на граѓаните во јавните институции водејќи се по начелата на одговорност, отчетност, еднаквост, транспарентност.

Потоа ќе треба да ја поплниме дупката од нереализирање на ниту еден капитален проект во изминатите 4 години во општина Гевгелија, а подоцна и да овозможиме услови за подобро место за живеење на нашите сограѓани… Секој професионалец од својата област ќе ни треба да бидеме успешни и да изградиме просперитет на Гевгелија и заради тоа ќе се водам по начелото луѓето да не бидат дискриминирани по партиска основа.