Пробиштип го слави Денот на рударите и празникот Успение на Пресвета Богородици, заштитничката на македонските рудари. По тој повод синоќа пред Домот на културата „Злетовски рудар“ се одржа свечена академија на која во присуство на вицепремиерот за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски и митрополитот на Брегалничката епархија г. Иларион, беа доделени благодарници на ООУ „Браќа Миладиновци“, ООУ „Никола Карев“, СОУ „Наум Наумовски – Борче“, ЈОУ ДГ „Гоце Делчев“, Здравствен дом „Нада Михајлова“, Полициската станица и Територијалната противпожарна единица во Пробиштип, за успешно справување со предизвиците од корона кризата.
На свечената академија беа доделени и благодарници и ваучери на ученици и на нивните ментори за освоено прво, второ и трето место на републички и меѓународни натпревари.
Вицепремиерот Николовски истакна дека преку инфраструктурни проекти во секоја сфера, Пробиштип континуирано се развива, а поддршката на Владата за развој на секоја општина подеднакво продолжува.
– Посветено работиме на подобрување на условите за живот, на обезбедување услови за младите да останат во истокот, регион кој се развива како никогаш досега. Приоритетите на граѓаните се наши приоритети. Во очи на големиот верски празник, Пресвета Богородица, заштитничката на рударите, им го честитам денот и ја поздравувам храброста да се занимаваат со оваа професија на сите рудари. Посакувам среќата секогаш да биде на ваша страна, додека за државата ви ветувам дека секогаш ќе ги штити вашите права, интереси и безбедност, рече Николовски.
Посочи дека во источниот регион се реализираат проектите кои се ветени на граѓаните, а најави дека наскоро ќе почне реконструкцијата на патот до Лесновскиот манастир, а ќе биде распишан и тендерот за основниот проект за изградба на нов ски центар на Осоговските планини.
Градоначалникот на Општина Пробиштип, Драган Анастасов на свечената академија рече дека пробиштипските рудари придонеле и се уште придонесуваат за раст и развој на општината.
-Тие се градителите на нашиот град и моторната сила на нашата општина. На нив, во најголем дел им го должиме ова што го имаме, вели Анастасов.
Пробиштипскиот градоначалник се осврна и на сработеното во изминатиот период и покрај тоа што, како што рече, на почетокот на мандатот морал да се справи со долговите кои им ги оставила претходната власт, а во општината инвестирано е во голем број на проект, значаjни за граѓаните на Пробиштип.