Второто издание на Летната школа „Курирање во контекст“ , која почнува денеска, ќе понуди критичка рефлексија за различните социо-политички и економски контексти, како и можност за развој на кураторски методи за преиспитување на практиките на современите (изведувачки) уметности во однос на активизмот, самоорганизацијата и критичкото размислување.

Како што најавуваат организаторите „Локомотива-Центар за нови иницијативи во уметности и културата“, тематски, школата „Курирање во контекст“ е поврзана со прашањето за кураторското и неговото пошироко значење кое ги надминува црно-белите кутии на политиките на репрезентација и презентација. Школата ја анализира средината во која се создава и шири уметноста и се фокусира на креирање знаења и можности за практичари кои сакаат да ја продолжат својата кариера како куратори во полето на изведувачките уметности и интердисциплинарноста.

Школата критички се осврнува на перспективите на производство, застапување, иницирање различни модели на презентирање и артикулирање на уметноста во одреден контекст.

Годинава, „Курирање во контекст“ ќе се одвива во три модули: како Летна школа од 29 август – 4 септември, со процес на менторство и развој на проекти, текстови или идеи за кураторски проект во периодот октомври – декември 2021 година и со уредување и објавување на сработените проекти, текстови или идеи за кураторски проект на веб-страницата како е-публикација која ќе биде организирана од групата (2022 година).

Школата е ко-курирана од Билјана Тануровска – Ќулавковски и Славчо Димитров, а програмата вклучува предавања, семинари, работилници, разговори со уметници и куратори, дискусии и интервјуа, како и продукција на кураторски дела и ко-кураторски публикации.

Отворениот дел од програмата на Школата е составен од јавно предавање на 1 септември на тема „Квир причест/ Квир перформанс“. Предвач е Амелија Г. Џонс, Роберт А. Деј професор и продекан за академици и истражувања на Школата за уметност и дизајн „Роски“, на Универзитетот во Јужна Каролина.

На 2 септември ќе се одржи јавна дискусија со наслов „Уметниците и кураторите зборуваат“, односно „Колективно курирање или процесите на кураторска соработка“ на која своите мислења ќе ги изложат Јасмина Заложник, драматург, писателка и продуцентка, Паз Понзе, независна кураторка, писателка и истражувачка на современото уметничко творештво, Јованка Попова, кураторка во Музејот на современа уметност, Скопје и Мира Гаќина, виша кураторка во Музејот на современа уметност, Скопје.

Затворениот дел од Школата ги вклучува следниве предавачи: Барбара Брајан, Данае Теодориду, Дена Давида, Доминик Џонсон, Јасмина Заложник, Кирстен Мар, Рон Ејти, Сузана Милевска и Воин де Воин.

Учесниците на летната школа се: Ана Лазареска, Елизавета Спиваковскаја, Елена Лајт, Фрида Лаукс, Лида Шерафатманд, Махзабин Хаке, Милко Нестороски, Наталија Дрозд, Саша Клајнплац, Симона Манчева, Софија Ристеска, Сотирис Румелиотис, Јана Старделова.

Програмата на школата е организирана како дел од соработката со проектот Brain Store во рамките на активноста Performance Situation Room на проектот Life Long Burning, activity of Life Long Burning project, поддржана од Програмата на Креативна Европа на Европската унија, Министерството за култура на Република Македонија, Град Скопје и Младински културен Центар.