Новата учебна година во општина Кочани денеска ја почнаа 2633 ученици во основното и 1217 ученици во средното образование.

Во основното училиште „Св. Кирил и Методиј“ се одржа свеченост на која присустуваа родители, ученици и претставници од Локалната самоуправа, при што беше истакнато дека годинава се запишани 307 првачиња, а во средните училишта наставата ја почнуваат 288 ученици во прва година.

Училиштата ги обезбедија неопходните дидактички средства според новите програми во прво и четврто одделение, согласно барањата од Министерството за образование и наука, а дистрибуирани се и наставните материјали за прво одделение.

– Од оваа учебна година во средните училишта за првпат имаме дуално образование што се реализира во соработка со локални компании од Кочани и Виница. Во СОУ ,,Љупчо Сантов се запишани 121 ученик и училиштето понуди две нови струки во дуално образование – бизнис администратор и хемиско-лабораториски техничар. Во СОУ,,Гошо Викентиев запишани се 167 ученици во прва година, во постојните струки, но и со опфат во три дуални паралелки, истакна градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.

Според бројот на новозапишаните средношколци утврдено е дека интересот за дуалното образование е голем, а учениците кои ќе посетуваат настава во овие паралелки ќе примаат стипендија од 3.500 денари.