Во првите седум дена од учебната година наставата во средните училишта во Кичево ќе биде онлајн, по што ќе треба да се донесе нова одлука согласно развојот на ситуацијата со КОВИД-19, иако кичевските средни училишта ОСУ „Мирко Милески“ и ОСУ „Дрита“ барале онлајн настава во првите две недели.
Според Зоран Стојкоски, претседател на училишниот одбор во ОСУ „Мирко Милески“, нивното барање за онлајн настава во првите две недели е само делумно прифатено.
– Нашето барање во првите две недели поради неповолната состојба со КОВИД-19 наставата да се одвива онлајн е делумно прифатено и, само во првата недела ќе имаме можност без физичко присуство да ја изведуваме наставата. Бидејќи интернетот во нашето училиште е слаб и со мал проток, во повеќе наврати сме приморани наставата да ја изведуваме од дома. Секако истиот проблем ќе не следи и на почетокот на оваа учебна година, рече Стојкоски.
Тој посочи дека во меѓувреме се обезбедени четири далечински топломери со донација од една аптека во градот, додека од општината се очекуваат уште четири топломери, заштитни маски и средства за дезинфекција на рацете.
Директорот на ОСУ „Дрита“ Фестим Ахмети рече дека и нивното барање било идентично, во првите две недели од почетокот на новата учебна година наставата да се одвива онлајн и ако се подобрат условите поврзани со КОВИД-19, училиштата да продолжат со настава со физичко присуство во училиште, во спротивно наставата да продолжи онлајн.
И за двете училишта карактеристично е што повеќе од десет години имаат блокирани сметки и со потрошен материјал и други училишни помагала тешко се снабдуваат, а единствена можност за нормално функционирање им е општината или спонзорите. Износот на блокираните сметки на двете училишта е повисок од 300 000 евра.