Вкупно 3.216 ученици тргнаа во основно училиште во Кавадарци, 407 од нив се првачиња. Успешна училишна година, ним и на средношколците, денеска им посака градоначалникот Митко Јанчев.
Тој информираше дека во изминатите години во сите училиштa беа реализирани повеќе инвестиции, со кои се добиени подобри услови за децата и пријатна атмосфера за престој. Континуирано се работи, додаде, на тоа сите училишта да бидат современи и да се вложува во нивниот развој.
-Драги првачиња, пред вас е еден нов свет во кој ќе запознавате многу нови работи. Вашата љубопитност секој ден ќе станува се поголема, а со тоа и желбата за повеќе да истражувате и да учите. Од денес вие сте во нов, за вас непознат свет кој ќе ви донесе многу знаење, нови другарчиња и многу поминати денови во дружба и учење. Вие , драги ученици, од денес продолжувате со редовна настава, која верувам ви недостасуваше изминатиот период. Овој нов почеток нека биде исполнет и со нови желби за надградување на вашите знаења и постигнување на нови успеси, додаде градоначалникот.
Тој се обрати и до вработените во образовниот систем.
-На вас останува најтешката задача, да ги образувате и воспитувате децата. Вие имате голема одговорност во развојот на сите деца. Ви посакувам оваа година да биде успешна за вас а со тоа и за сите ученици, рече градоначалникот.