Од денес учениците се враќаат на училиште, во повеќето делови на Србија, според моделот на настава кој вклучува часови од 45 минути и комплетни оделенија во училниците, а понатамошниот начин на работа ќе зависи од епидемиолошката состојба во локалните самоуправи, јави дописникот на МИА од Белград.
Според ситемот на боите на семафор-црвена, зеллена и жолта, а врз основа на одлуката на Тимот за следење и координирање на спроведувањето на превентивните мерки во работата на училиштата, во првата недела од новата учебна година во сите основни и средни училишта ќе се организира директна настава, освен во 15 општини, каде што ќе се одржи друг модел на настава, со комбинирање на непосредна и настава од далечина, додека одделенијата ќе бидат поделени во групи.
Каде што има директна настава, учениците; мораат да носат маски кога влегуваат во училиште додека не стигнат до нивните столчиња, но и кога одговараат на час.
-Во нивната клупа, додека разговараат со своите пријатели, носат маски. Во моментот кога започнува часот и детето молчи, може да ја симне маската. Кога ќе одговара или кога сака да разговара со некого, тогаш мора да стави маска. Во моментот кога часот завршува и станува од столот, става маска, изјави епидемиологот Предраг Кон.
На училишен одмор во отворен двор, тие можат да бидат без маска, но да внимаваат да не бидат многу збиени, инаку треба да ги носат.
Ако едното дете е позитивно, оди во карантин и на онлајн часови, додека другите треба да носат маска, ако две деца се позитивни – тогаш целото одделение оди на онлајн настава 10 дена, но не како во претходната учебна година на две недели.
Министерот Бранко Ружиќ изјави дека околу 52 отсто од просветните работници се вакцинирани, што не отстапува од општата популација, но тоа не е доволно.
Министерството за образование претходно објави дека само учениците кои боледуваат од ковид-19 или се во карантин поради близок контакт со заразено лице, денеска нема да одат на училиште.