Пред еминентни домашни и странски гости, професори, аналитичари и академици, беше промовирана книгата на професор д-р Билјана Ванковска со наслов „Членството во НАТО: на линијата на фронтот“. Книгата претставува осврт на темата НАТО во современите меѓународни односи, но и длабинска, сеопфатна, независно -алтернативна анализа за кризата на НАТО воопшто како и за членството на Северна Македонија во организацијата. Исто така, дава критички преглед на придобивките и предизвиците со кои земјата се соочи на овој пат.
За книгата зборуваа четири промотори, д-р Јан Оберг од Фондација за мировни истражувања од Лунд, кој беше и еден од рецензентите на книгата, д-р Радмила Накарада, професорка на Факултетот за политички науки од Белград, д-р Владимир Пријахин, професор од Универзитетот од Москва и поранешен амбасадор во ОБСЕ, д-р Јован Донев, професор и поранешен амбасадор во Велика Британија.
„Книгата на Ванковска е солидно експозе за Македонија и поширокиот балкански регион, како и постојано проблематичните односи со Западот, а особено НАТО и САД. Ова е многу важна задача која Ванковска си ја поставува сега – како и пред две децении по западниот интервенционизам на Балканот, т.е. фундаментално да ги дефинира и посочи овие феномени на кризата на Западот, како и да ги доведе во прашање резултатите од тие кризни феномени на Западот во регионот на Балканот на начинот на кој тие се манифестираат во регионот во кој таа живее и кој е во фокусот на нејзиниот истражувачки интерес”, посочи д-р Јан Оберг од Фондација за мировни истражувања од Лунд.
Професорот од Универзитетот од Москва и поранешен амбасадор во ОБСЕ, д-р Владимир Пријахин, истакна: „Книгата на Билјана Ванковска е уникатен феномен во европската и светската политичка научна литература. Оваа монографија е случај кога научник од релативно мала земја, обезбедува студија којашто е интересна не само за анализирање на политичката ситуација во одреден регион, но исто така и на глобално ниво. Посебно интересно е дека предмет на ова истражување е политичката, воената и економската безбедност на земјата во поширок контекст на релациите меѓу глобалните центри на моќ”.
Посебен осврт на значењето на книгата на Ванковска како и на нејзината реторика во вивисекцијата на домашните актуелни теми, даде деканот на Филозофскиот факултет, проф. д-р Ратко Дуев, кој истакна: „Како Факултет со долга традиција, за кој се врзани почетоците на научната мисла и првите научни публикации во нашата земја, издавањето на секоја нова научна книга претставува продолжение на нашата мисија за промоција на македонската наука пошироко во светот. Делото на професорката Билјана Ванковска анализира актуелни теми во кое е вклучено нејзиното долгогодишно искуство во областа на меѓународните односи за што сведочат многуте библиографски белешки и анализа на ставовите на многу видни светски научници и познавачи на оваа проблематика. Особено е значајно што делото има странски рецензенти. Тоа дава особена тежина на истражувањата и анализите во самото дело”, истакна проф. д-р Ратко Дуев, Декан на Филозофскиот факултет.
По излагањата на промоторите, беше отворена дискусија за присутните колеги и новинари на која кусо се обрати и авторката, д-р Билјана Ванковска. Книгата е во издание на Филозофскиот факултет, објавена е во декември 2020 година на македонски и англиски јазик, но поради пандемијата нејзината промоција се одржува дури сега, кога се создадени услови за тоа.