„Светот после пандемијата со Ковид 19: стари и нови одговорности на неизвесноста и предизвици“ е насловот на меѓународната конференција која Институтот за безбедност, одбрана и мир, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ ја организира од денеска до 4 септември во Охрид.

Како што соопштија организаторите, овој пат годишната конференција е посветена на исклучително важно и итно прашање од меѓународен, регионален и од национален интерес: ефектите од пандемијата на ковид-19 врз различни сфери и слоеви на националното и меѓународното општество.

Целта на конференцијата е да се промовира подобро разбирање и димензиите на кризата предизвикана од ковид-19. Да се обезбеди размена на искуства и на научени лекции од сегашните и минатите случаи на справување со пандемија.

-Целта е и да помогнеме во потрагата по нови начини на кои академската заедница ќе може да придонесе во справувањето со широк спектар на прашања поврзани со ковид-19 и други здравствени проблеми. Да се развијат идеи за нови истражувачки проекти и практики насочени кон подобрување на вмрежувањето и давање практична помош во време на криза, соопштија од Институтот.

Оттаму посочуваат дека исто така е важно да се стимулира преиспитување за нивото на подготовка и можната реформа на безбедносниот сектор, како и на другите национални и меѓународни агенции во време на здравствена, јавна, економска и општествена криза.