Почнувајќи од 7 септември, рестораните и баровите во Бугарија ќе треба да затворат во 22 часот, а спортските натпревари во затворен простор ќе се одржуваат без гледачи, соопшти техничкиот министер за здравство Стојко Кацаров додека земјата се подготвува за ново зголемување на бројот на заразени.

Бугарија, која има најмалку вакцинирани граѓани против коронавирус во Европската унија, бележи пораст на заразените во последните недели, главно со многу заразна делта варијанта. За изминатите 24 часа во земјата со седум милиони луѓе регистрирани се околу 1.745 нови случаи, со што бројот на активни инфекции достигна 32.192.

Околу 18.950 луѓе починаа од почетокот на пандемијата, а уште 54 смртни случаи за 24 часа беа регистрирани во земјата со највисока стапка на смртност во Европската унија, според онлајн публикацијата на Универзитетот Оксфорд – Our World in Data

„Нема простор за паника. Ситуацијата е сериозна, но не излегува од контрола. Ниската стапка на вакцинација не принудува да ги воведеме овие мерки”, изјави привремениот министер за здравство Стојко Кацаров. Тој повторно апелираше Бугарите да се вакцинираат.

Според новите ограничувања, што ќе бидат во сила до крајот на октомври, музичките фестивали ќе бидат забранети, а кината и театрите ќе треба да работат со капацитет од 50 проценти. На учениците ќе им биде дозволено да посетуваат настава кога ќе започне учебната година на 15 септември, рече Кацаров, но предупреди дека ако бројот на заразени часови продолжи да се зголемува, можеби ќе треба да се префрлат на онлајн часови.