Мунир Колашинац, претседателот на БДС е и официјално кандидат за градоначалник на Град Скопје. По само неколку дена од најавата за самостоен настап на локалните избори 2021 година, денеска на официјална прес конференција беше најавена кандидатурата на господин Мунир Колашинац градоначалник на Град Скопје.

Покрај господинот Мунир Колашинац во Град Скопје, Бошњачки Демократски Сојуз, на овие избори ќе настапи со свои градоначалници во Општина Чаир, каде кандидат е Бедро Хот, во Општина Долнени, каде кандидат ќе биде Адмир Ујкановиќ и во Општина Велес, каде кандидат ќе биде господин Семир Алимов.

Според претседателот на партијата Бошњачки Демократски Сојуз, и кандидат за Градоначалник на Град Скопје, господин Мунир Колашинац, овие избори ќе бидат вистинска промена на енергијата на Град Скопје.

“Среќен сум што сум денеска овде пред сите вас, и што имам можност да се претставам на граѓаните. Ние сме млада партија, која има голем ентузијазам да делува и да придонесе добро за сите нас во Град Скопје. Доаѓам од бошњачката заедница, но едно знам дека ќе бидам градоначалник на сите. Нашата цел е да прикажеме планови, цели и реализација на истите, да не бидеме во редот на оние кои ветуваат, а не остваруваат. На овие избори ќе настапиме поинаку, ќе настапиме визионерски, и од таму е и нашиот слоган ПОИНАКВО СКОПЈЕ ЗА СИТЕ НАС” – изјави Мунир Колашинац, кандидат за Градоначалник на Град Скопје.

Кандидатот за Градоначалник на Град Скопје најави дека приорите ќе му бидат неколку клучни проекти и промени за главниот град.

“Како градоначалник на Град Скопје, во нашата програма имаме зацртано неколку клучни проекти, кои се голем и горчлив проблем на Скопјани. Ќе се фокусираме на нашата животна средина, на еколошките проблеми, ќе воведеме ред во сообраќајот, ќе инвестираме во младите и нивниот напредок, ќе ги поедноставиме административните процедури, ќе создадеме површини со кои ќе се гордееме. Ќе посветиме внимание на кејот на Вардар, на преубавото Водно, на препознатливото Кале, духот на Скопје нашата старата чаршија и незаменливата Матка. Ќе придонесеме за олеснето движење и достапност на сите знаменитости за лицата со попреченост.

Сакаме Скопје да биде вистинска мека за сите. Ќе придонесеме за развој на градот во една поинаква насока, да бидеме горди што сме Скопјани, и да бидеме пример за другите.”

Ова е прв самостоен настап на една бошњачка партија на едни избори во Република северна Македонија. Во наредниот период ќе бидат објавени јавно сите наши планови и проекти за кои партијата и кандидатите ќе се залагаат на овие избори. Воедно ја повикуваме целата јавност за една масовна и широка поддршка за нашето Скопје, за нашиот град, кој заслужува да биде поубаво место за живеење.

За едно поинакво Скопје за сите нас!