Стејт департментот ги охрабрува Косово и Србија да продолжат со мораториумот за прашања за признавање што го комплицираат напредокот во техничките области, изјави неименуван портпарол како одговор на прашање на Гласот на Америка (ВОА) на првата годишнина од Вашингтонскиот договор, јави дописникот на МИА од Белград.

Две верзии на документот од 16 точки, за косовската и српската страна, беа потпишани пред една година во Овалната соба на Белата куќа, во присуство на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, од српскиот претседател Александар Вучиќ и поранешниот косовски премиер Авдулах Хоти – пренесе денеска Гласот на Америка.

Неименуваниот портпарол на Стејт департментот во одговор на Гласот на Америка кажа дека САД ќе продолжат да соработуваат со Србија и Косово во исполнувањето на обврските, поддржувајќи ја, како што наведе, целта за сеопфатна нормализација на нивните односи.

-Се надеваме дека нашите партнери со добра волја ќе ги почитуваат обврските што ги преземаа минатата година во Вашингтон. Бројни елементи од договорот ги поддржуваат нашите приоритети и нашата поширока визија за регионот- енергетската диверзификација, регионалното поврзување, мораториум за членство во меѓународни организации и кампања за повлекување на признавањето на независноста на Косово, како и пронаоѓање и идентификување на исчезнатите лица, се наведува во одговорот до Гласот на Америка на Стејт департментот.

Истакната е и потребата за целосна нормализација да не е временски ограничена, поради што Косово и Србија се охрабруваат да градат политичка доверба „преку сериозно и суштинско учество во процесот на дијалог со посредство на ЕУ“.

-Ние, исто така, ги охрабруваме Косово и Србија да означат соработка во области од заеднички интерес, како што е закрепнување од пандемијата и подобрување на економските и трговските односи, се вели во одговорот, и да САД се подготвени да дадат поддршка.

-САД се подготвени да ја поддржат работата на постигнување сеопфатен, обврзувачки договор за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, фокусиран на меѓусебно признавање, што ги поставува темелите за трајна соработка и напредок. Ние го поддржуваме дијалогот со посредство на ЕУ и ги охрабруваме страните повторно да се вклучат во процесот со оглед на итноста за решавање и на техничките и политички прашања, се наведува во одговорот на неименуван функционер на американскиот Државен секретаријат.

Вашингтонскиот договор беше потпишан по дводневни разговори меѓу највисоките претставници на делегациите на Косово и Србија во американската престолнина на 3 и 4 септември 2020 година.