„Македоника литера“ деновиве го објави романот „Катерина, Велика и Мала“ на црногорската писателка која живее во Хрватска Оља Кнежевиќ, во превод од хрватски на македонски јазик на Елена Саздовска.

Романот „Катерина, Велика и Мала“, кој е победник на конкурсот за необјавен роман на издавачката куќа ВБЗ од Загреб во 2019 година, е хрватски бестселер. Тој е храбар и жесток роман. Авторката пишува директно, без задршка, без предрасуди и со страст за многу женски теми и дилеми, а посебно отворено за растењето, за љубовта, за сексот, за љубовните и за брачните врски.

Премиерна продажба на саемот на книгата во Скопје.

„Не се распаѓав само јас. Надвор од моите темни sидови, светот се распаѓаше“, вели главниот лик Катерина на едно место, додека од Мала станува Голема. На улиците на црногорската престолнина, кои во еден момент стануваат премали па се продолжени до Белград и Лондон, Катерина е автентичен глас со специфичен авторски стил што подразбира комбинација на интимното и јавното. Од растењето во залезот на социјализмот, преку индициите за сè што се случило во тој регион и нурнувањето во нова војна и транзиција, Катерина е доволно кревка а во исто време и доволно силна за да си овозможи себеси да се изневери и да падне во најтемните агли на социјалното подземје и најболните љубовни и брачни катастрофи.

Оља Кнежевиќ е писател чија проза не влегува во оптимизам ниту пак бега во моден активизам. Во нејзиниот роман се скенираат семејните односи и трагедии, женските прија-телства, љубовните предавства и измамите, заминувањата и бегствата, разните социјални милјеа, но и поширокиот социјален контекст на конфузни и невралгични настани што ги водат човековите судбини. Внимателно замислените и карактеризирани ликови и суверената, динамично раскажана приказна, „Катерина...“ ја сместуваат во најдобрите романи кои зборуваат со реалноста на овој балкански простор со децении, и успеваат да останат романи што ги паметиме со привлечни, моќни, неприпособени ликови полни со страст, како Катерина. Овој роман, всушност, е роман за современата балканска жена, каде моќта и парите, различните политички опции, наследството и татковините се борат за доминација.

Оља Раичевиќ Кнежевиќ е родена во Подгорица, Црна Гора. Завршила средно училиште во Калифорнија, англиски јазик и литература на Филолошкиот факултет во Белград. На Универзитетот „Бирбек“ во Лондон, магистрира креативно пишување, со посебна пофалба за најдобар магистерски труд во 2007/2008 година, од кој произлезе нејзиниот прв роман „Милена и други општествени реформи“ – за првпат објавен во 2011 година во Црна Гора, 2012 година во Хрватска и 2015 година во Србија. Нејзиниот втор роман, „Госпоѓа Блек“, беше објавен во 2015 година, во Црна Гора и во Србија.

Во разни антологии, книжевни списанија и на портали има објавено раскази на црногорски, хрватски и на англиски јазик. Има напишано повеќе од осумдесет колумни/приказни за црногорски и хрватски весници, а некои од нив ја сочинуваат збирката под наслов „Лондонски приказни од југот“, објавена во 2013 година. Сега живее и работи во Загреб. Член е на Хрватското друштво на писателите.