Основното музичко училиште „Ристо Јуруков" од Кочани отвори нова наставна програма за изучување традиционални народни инструменти, како дел од шестгодишното музичко образование.

На новиот оддел ќе можат да се запишуваат учениците од петто и шесто одделение во редовното основно образование кои ќе изучуваат неколку инструменти што се карактеристични за македонскиот фолклор.

– Главната идеја за отворањето на новата наставна програма е да го зачуваме и негуваме нашето фолклорно музичко богатство и традиција. Ќе се изучува претежно инструментална музика, а ќе бидат вклучени кавал, тамбура, тапан и гајда. Имаме соодветен наставен кадар за работа во овој оддел, како и инструменти за практична настава. Очекуваме дека многу скоро, на јавните настапи што ги организира училиштето, публиката ќе слушне и традиционална музика во изведба на нашите ученици, истакна Марија Лазарова, директорка на ОМУ „Ристо Јуруков".

Во текот на оваа учебна година, училиштето ќе го посетуваат околу 150 млади музички таленти распределени во деветгодишна и шестгодишна наставна програма. Учениците во прво одделение на основното образование се запишани на деветгодишната програма за изучување пијано и виолина, додека во шестгодишното образование се вклучени ученици на деветгодишна возраст. Тие ја следат наставата по гитара, флејта и хармоника.

Од училиштето истакнаа дека се целосно технички и кадровски подготвени за стартот на новата учебна, при што подготвен е план за реализирање на наставата согласно новите протоколи за работа на воспитно-образовните институции во државата.