Вкупно 587 хигиенски хуманитарни пакети се поделени на семејства во социјален ризик од општините Крива Паланка и Ранковце. Пакетите се донација обезбедена од страна на Министерството за труд и социјална политика и Светска банка, а активностите се спроведуваат во координација со Црвениот крст на Македонија.

– Во текот на целата година сме во координација со надлежните институции и на локално и на национално ниво и помагаме и интервенираме секогаш кога треба. Оваа акција за делење хигиенски пакети беше наменета за семејствата од ранливи категории на територијата на целата држава, а како општинска организација дистрибуиравме 587 хигиенски пакети. Сите пакети беа доставени до семејствата за кои претходно беше доставен список од страна на Министерството за труд и социјална политика, изјави Дарко Пешовски, секретар на Општинската организација на Црвен крст Крива Паланка.

Пешовски истакна дека сите нивни волонтери се таму каде што е најпотребно и нивниот придонес е најзначаен што ја завршиле доставата навремено.

-Заедно со хигиенските пакети до семејствата што имаат ученици во основно образование доставени се и лектирни изданија соодветни на нивната возраст и на мајчин јазик што го говорат, дополни Пешовски.