Од 8 часот изутрината започна пописот на населението, домаќинствата и на становите во Прилеп, означен како пописен реон 19 кој ги опфаќа општините Прилеп, Кривогаштани и Долнени. Александра Кокароска, претседател на пописната комисија – Прилеп информира дека пописот започнал успешно и нема никакви проблеми.

-Пописот започна успешно, попишувачите се на теренот, заедно со реонските инструктори и нема пријавено никакви проблеми. Надлежност на оваа пописна комисија е пописниот реон 19 и ги опфаќа општините Прилеп, Кривогаштани и Долнени. Имаме 273 попишувачи и 27 реонски инструктори. Во Прилеп се 317 пописни кругови, во Кривогаштани се 31, а во Долнени се 69 пописни кругови. Апелирам до граѓаните како општествено одговорни да учествуваат во овој важен процес за да придонесеме за успешен попис, изјави Кокароска.

Јане Чамески, државен инструктор во пописен реон 19-Прилеп, вели дека успешна била и обуката за попишувачите и нема никакви проблеми.

– Имавме тридневна обука со попишувачите и реонските инструктори. Задоволни сме како почнаа активностите. Доколку нешто им е потребно на попишувачите, тука се реонските инструктори, а ние сме тука и нема никакви проблеми, вели Чамески.