Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека претседателските, парламентарните и изборите за советници во Собранието на Град Белград ќе се одржат на 3 или 17 април следната година и дека се уште не знае дали повторно ќе се кандидира за претседател, јави допсиникот на МИА од Белград.

-Изборите мора да бидат во согласност со законот, тоа не е „фонтана на желби”. Можат да бидат на 3 или 17 април, на 10 апри не можат, бидејќи е ден на создавање на НДХ (Независна држава Хрватска), нема да има смисла на тој ден да се одржат избори во Србија, бидејќи нашите луѓето претрпеа најтешки можни жртви, изјави Вучиќ за ТВ Прва.

Тој кажа дека сеуште не одлучил дали ќе се кандидира за претседател, но и дека за тоа сеуште нема јавно да зборува.

-Подготвени сме за претседател и за сите други функции да предложиме луѓе кои се способни да победат. За мене е важно да победат тие што се бореа за посилна Србија, кажа тој.

Вучиќ оцени дека меѓупартискиот дијалог со посредство на Европскиот парламент покажува дека изборните услови не се основна причина за бојкот на ланските избори, туку дека тие се оправдување за лошиот изборен резултат.

-Таа приказна за изборните услови е празна и шуплива и оправдување за лошиот изборен резултат. Сакаа да ја претстават Србија како автократска држава, оцени Вучиќ.

Вучиќ порача дека власта во Србија ја менуваат само граѓаните на избори и додаде дека дел од опозицијата има две опции: странците, како што наведе, да ги „ракоположат” на власт или со нивна помош „да тепаат и убиваат” .

Тој оцени дека единствената програма на опозицијата е да ги уништи животите на неговите деца „затоа што не можат да победат на избори”.