Министрите за надворешни и внатрешни работи на земјите од ЕУ и од Западен Балкан утре ќе учествуваат на видео конференција на тема сузбивање на нелегалната трговија со огнено оружје, соопшти Европската комисија. Конференцијата ја организираат европската комесарка за внатрешни работи Илва Јохансон, заедно со шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел, комесарот за проширување Оливер Вархеји и словенечкото претседателство со Советот на ЕУ.

На состанокот ќе присуствуваат и агенциите на ЕУ, како и регионални и меѓународни организации, како што се Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) и Канцеларијата на ОН за борба со дрога и криминал.

Учесниците ќе разговараат за имплементација на Акциониот план на ЕУ трговија со огнено оружје 2020-2025 година, со фокус на акциите што влијаат врз Југоисточна Европа, како и имплементацијата на Регионалниот патоказ за сеопфатна контрола на малокалибарско и лесно оружје на Западен Балкан.

ЕК наведува дека од усвојувањето на патоказот во 2018 година, постигнат е континуиран напредок од страна на партнерите од Западен Балкан во усогласување на правната рамка со правилата на ЕУ и ОН за огнено оружје, како и зголемување на оперативната соработка и размена на информации со ЕУ и нејзините агенции за спроведување на законот.

Средбата, исто така, ќе биде можност да се разговара за понатамошни активности за преостанатите предизвици во регионот, вклучувајќи празнини во кривичното право и размена на информации помеѓу агенциите за спроведување на законот, судовите и обвинителствата, наведе ЕК.