Пописот на населението, имотот и домаќинствата вчера успешно започна на територијата на Општина Велес.

Градоначалникот на Општина Велес Аце Коцевски на денешната прес-конференција информира дека на првиот ден од пописот ниту еден од попишувачите не бил вратен од домовите на граѓаните и податоците биле успешно внесени во системот. Тој појасни дека се обезбедени доволен број попишувачи, а има попишувачи и на резервна листа.

– Сигурен сум дека до крајоте на предвидениот период, на територија на Општина Велес и двете соседни општини успешно ќе биде завршена оваа голема статистичка операција, смета Коцевски.

Тој упати апел до жителите активно да се вклучат во попишувањето, да не ги прифаќаат повиците за бојкот на пописот, затоа што, како што појасни, пописот не е политичка работа и не треба да се вмешуваат политички прсти.

– Пописот е статистичка операција која е многу важна за планирањето на идниот развој на општините, населените места, на целата држава затоа што од него ќе се добијат податоци од кои ќе се креира идниот развој. Се уште сме во таква фаза на развој во кој според Уставот, законите и некои права на етничките заедници кои се поврзани со нивниот број. Важно е и од етничка структура да се преброи колку жители има нашата држава, бидејќи од тоа произлегуваат одредени права, појасни Коцевски.