Денеска во 17 часот по локално време, Бугарската социјалистичка партија ќе го врати третиот мандат на претседателот на Бугарија Румен Радев, објави прес-службата на претседателската институција.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, лидерот на БСП, Корнелија Нинова, ја образложи својата одлука со изјавата дека и покрај напорите на левицата, тие не успеале да добијат поддршка од „протестните партии”. Таа изрази надеж дека претседателот Радев ќе го одложи распуштањето на 46. Национално собрание за неколку дена за да може да се усвои ребалансот на буџетот.
Партијата на Слави Трифонов, исто така, коментираше дека гласањето за буџетот може да се одржи до крајот на оваа недела. Сега, според локалните политички аналитичари, на потег е претседателот на Бугарија Румен Радев, кој откако БСП ќе го врати мандатот, мора точно да одлучи кога ќе го распушти Националното собрание и кој е датумот на парламентарните избори во земјата.
Сите партии во Бугарија се изјаснија за одржување парламентарни и претседателски избори на еден датум – 14 ноември, а вториот круг од претседателските избори на 21 ноември.