За да може приватниот сектор да ги реализира најавените инвестиции, освен внимателното дизајнирање на мерките за борба против пандемијата, треба да се решат и децениските системски слабости кои влијаат врз конкурентноста на македонската економија. Доцниме со инвестиции во инфраструктурата, со реализација на автопатите, железниците. Многу сме блиску до другите главни градови во регионот, но во однос на потребното време за движење сме всушност многу далеку.

Ова беа само дел од забелешките на бизнис заедницата кои можеа да се слушнат на денешниот втор панел во рамки на конференцијата за економско пост-КОВИД закрепнување.

Претставниците на стопанските комори побараа ревизија на даночниот систем и обезбедување ниски даноци пред се за домашните компании, функционална и ефикасна администрација, намалување на бирократските процедури и навремено исполнување на обврските кон компаниите од страна на државата, јавните претпријатија и општините. Повторно се пожалија на сивата економија и укажаа на потребата од борбата против криминалот и корупцијата. Истакнаа и дека без владеење на правото, нема развој на економијата.

Стопанските комори ја пофалија соработката со Владата. Нагласија дека во пакетот мерки за поддршка беа имплементирани голем број од нивните предлози. Сепак, потенцираа, на посочените предизвици мора да се работи со цел нивно што поскоро надминување.

Според коморите, приватниот сектор и во овие услови, на КОВИД-криза, продолжува со инвестиции. Тие го поздравија новиот циклус на инвестиции што го најавува владата за периодот 2021 – 2027 во износ од над осум милијарди евра.

-Недоволната ефикасност на администрацијата и на централно и на локално ниво, комплексните бирократски процедури за издавање исправи, дозволи и сертификати, инфраструктурата и сивата економија, се предизвиците со кои се уште се соочуваме. Дел од овие предизвици во моментов ги разгледуваме и им ги предочуваме на Владата и институциите. Многу е важно, особено во овие тешки услови за комапниите, процесите да се забрзаат за да се зголемат потенцијалите за приватни инвестиции, рече заменик-претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Јелисавета Георгиева.

Според претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија, Неби Хоџа, мора да се направи баланс меѓу фирмите кои во КОВИД-кризата беа успешни, остварувајќи 300 милиони евра инвестиции лани и оние кои мораа да ги затворат компаниите и да ги отпуштат работниците.

За Хоџа, клучна е и регионалната соработка.

-Мора да бидеме регионално интегрирани за подобра соработка. Но, од апсект на деловната заедница, имаме јазови, пороблеми, кои мора што поскоро да се надминат. Приватниот сектор докажа дека може да е од клучно значаење во вакви турбулентни периоди. Општествата мора да бидат сервис на граѓаните, да ги направат нивните животи подобри, нагласи Хоџа.

Претседателката на Сојузот на стопанските комори, Данела Арсовска, ја истакна потребата од поддршка за преживување на приватниот сектор, а за тоа, рече, мора да има силна институционална поддршка. Треба да се грижиме за здравјето, но граѓаните и фирмите мора да имаат финансии, тоа е нашата главна заложба, рече Арсовска.

-Се соочуваме со предизвикот да преживееме. Мора да најдеме начин да се прилагодиме, да се грижиме за здравјето, но и за економијата. Дадовме поддршка не некои од владините мерки кои навистина беа од помош за зачувување на работните места и малите и средните прстпријатија. Заедно со Зелениот договор мора да се грижиме и за здравјето и за економијата. Се надеваме дека Владата ќе излезе со нов сет мерки зашто без можнсот за преживување се би било попусто. Важно е да има силна институционална поддршка за да преживее приватниот сектор, потребни се финансиски, но и нефинасиски мерки – справување со корупцијата е една од клучните работи која треба систематски да се реши, владеење на правото, бробра против сивата економија, подвлече Арсовска.

На панелот зборуваа и претставници на меѓународни финансиски институции, вицепремиерот Фатмир Битиќи, како и министрите за економија и за транспорт и врски, Крешник Бектеши и Благој Бочварски.