Во Бугарија од денеска стапуваат во сила построги анти-епидемиолошки мерки, чија цел е да се забави ширењето на Ковид-19, а оттаму помалку луѓе во болница и помалку смртни случаи.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, со новите мерки во Бугарија, кои сега ќе важат на национално ниво, рестораните, баровите, обложувајниците и казината ќе можат да работат од 7.00 до 23.00 часот со најмногу шест лица на маса, на растојание од еден и пол метар. Ноќните клубови нема да работат. Саеми, музички фестивали и тим билдинг настани нема да се одржуваат. Спортските сали ќе можат да користат 30 проценти од своите капацитети. Кината, театрите, концертните и спортските сали ќе работат со до 50 отсто од нивниот капацитет во затворен простор. Свадби и крштевки во затворени простории може да се одржат со најмногу 30 гости.

Овие ограничувања ќе бидат во сила до 31 октомври. Меѓутоа, ако персоналот на соодветниот комерцијален објект е целосно вакциниран, тогаш може да работи со 100 проценти од својот капацитет.

Претставниците на рестораните и хотелиерите постојано го искажуваат своето несогласување со мерките. Протести се одржаа во различни градови во Бугарија пред минатата недела, а во среда ќе има голем протест во Софија, за кој и транспортниот сектор најави учество