Неколку активисти на опозициската Социјалдемократска партија на Косово (ПСД), меѓу кои и партискиот претседател Дардан Молиќај, се приведени денеска од полицијата при обидот да го спречат одржувањето на прес-конференцијата на претседателката на Специјалниот суд за Косово, Екатерина Трендафилова, јави дописникот на МИА од Приштина.

Активистите се уапсени пред хотелот во центарот на Приштина во кој се одржуваше прес-конференцијата на Трендафилова, додека испишуваа пораки „Нон грата” на возилата на Мисијата на Европската унија за владеење на правото во Косово – ЕУЛЕКС.

Претходно две лица упаднаа на прес-конференцијата и накратко ја прекинаа Трендафилова, обвинувајќи ја дека е претставничка на еден суд кој „се труди да ја промени историјата на Косово”, на што претседателката на Специјалниот суд одговори дека ѝ е жал што не знае албански и не ги разбира протестантите. Таа ги покани истите да ја проследат конференцијата, меѓутоа полициското обезбедување ги исфрли од салата.

Пред хотелот на кој на медиумите им се обрати Трендафилова беа собрани група граѓани, кои носеа транспаренти со пораки против Специјалниот суд, обвинувајќи го дека е едноетичен и дека „ги крие злосторствата извршени од Србија” во војната во 1998-99 година.

– Селективното гонење на злосторствата е неправда кон жртвите. Срамота, срамота, срамота е да се штити геноцидот извршен од Србија, порачаа учесниците на протестот, кој не беше најавен кај надлежните органи.

Трендфилова на прес-конференцијата информираше за мандатот на Специјализираните комори, како што е официјалниот наслов на суд кој во косовската јавност е познат како „суд за ОВК (Ослободителната војска на Косово)”. Таа најави дека утре истото ќе го стори пред медиумите и во Северна Митровица, најголемата косовска општина со мнозинско српско население