Иако од 7 септември Бугарија воведе построги мерки против ковид-19 поради почетокот на четвртиот бран, некои од рестораните во центарот на Софија не се затворија синоќа во 23 часот.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, повикувајќи се на информации од електронското издание на „24 часа“, некои од рестораните ги бојкотираа новите ограничувања што ги воведоа властите во Бугарија. По воведувањето на рестриктивните мерки, протести на сопствениците на ресторани се одржаа во повеќе градови во Бугарија. Малку по 23 часот, некои од рестораните и баровите на булевар „Витоша” и улицата „Георги Сава Раковски” беа отворени и покрај новите рестриктивни мерки. Ресторанот во сопственост на претседателот на Бугарската асоцијација на ресторани Ричард Алибегов работел и тој рече дека нема да затвори. Рестораните околу него беа исто така отворени. Според нив, ноќните клубови се затвораат, а се воведува вечерен час за рестораните.
Во Студентскиот град во Софија, каде што има најмногу дискотеки, најавија дека ќе вршат „деноноќни поправки“.