Во Тетово по повод Денот на независноста 8-ми Септември пред Споменикот на револуцијата цвеќе положија делегации на општинскиот комитет на ВМРО – ДПМНЕ во Тетово и општинската организација на СДСМ.
-Овој ден треба да ни е потсетник на сите колку е вредна слободата,колку е скапоцено да си имаме сопствена држава која е заедничка мајка на сите нас. Но,очигледно е дека во општина Тетово не се запознаени со ова. Како што може да видите, општинските власти не сторија ни најмал напор да го одбележат овој голем датум. Очигледно поимот заедништво, соживот и почит кај нив постои само на хартија и во предизборието. После тоа ништо. Почитувани сограѓани татковината е многу повеќе од именка, од топоним, од географска обележана територија. Татковината е заедничкото огниште на чиј пламен се грееме сите подеднакво, таа е заедничка софра од која сите ние се храниме. Македонија е наша единствена заедничка мајка која заслужува да се чествува секој ден, истакна Анита Бошкоска-Јованоска од ОК ВМРО – ДПМНЕ Тетово.
Илија Димитриевски од тетовската општинска организација на СДСМ рече дека 8 Септември, Денот на независноста е еден од најсветите и најсветлите датуми од историјата на Северна Македонија.
– Во јубилејот 30 години независност е собрана нашата историја, нашите надежи, нашите сеќавања, нашите остварени стремежи. Денеска е третиот наш македонски Илинден, остварувањето на вековните стремежи на македонскиот народ и другите народности, истакна Димитриевски.