По повод 30 – годишнината од независноста, делегации од локалната самоуправа, на Сојузот на борците, од институции и на политички партии се поклонија и положија свежи цвеќиња пред споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов Ченто во центарот на Прилеп и пред Могилата на непобедените во паркот на Ревоуцијата.
Според прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, 8 септември е најсветол датум во поновата македонска историја и е аманет за новите генерации.
-Нема посветол и позначаен датум од денешниот во поновата македонска историја, од 8-ми септември, 30 години независност на Македонија. Поминавме 30 години во искушенија, предизвици. Мислам дека сме на вистинскиот пат, тоа е вековниот стремеж на нашите предци и на поранешните генерации: на илинденците, на хероите и борците од НОБ. Мора да покажеме дека она што го имаме добиено како независност пред 30 години, треба да го оправдаме со нашето однесување, со нашата работа, со желбата за успех на нашата држава. На идните генерации треба да им оставиме аманет да го чуваат стекнатото од славните предци и да ја чуваат да ја сакаат и да ја бранат татковината, рече Јованоски.