Свештената Бигорска Обител упати честитка по повод 8 Септември, Денот на независноста.

– Братството на Свештената Бигорска Обител на сите граѓани на Македонија, радосно и срдечно, им го честита Денот на независноста. Вечен им спомен и слава на сите македонски родољупци и слободољупци. Бог нека ни ја сочува Татковината вечна и нека им вдахне родољубие на сите наши политичари, посакува Свештената Бигорска Обител.

Се наведува дека 8-ми септември 1991 година ја возгласи на целиот свет вистината дека Македонија е достојна за дарот на слободата и за самостоен државен живот.

-Она што е воздухот за телото, тоа е слободата за човечката душа. Колку еден народ има поразвиено самосознание, толку повеќе тој ја цени слободата, стои во честитката од Свештената Бигорска Обител на „Свети Јован Крстител", попознат како Бигорски манастир.

Денот на независноста ја честиташе и Медат Куртовски, градоначалник на општина Маврово и Ростуше, каде територијално припаѓа оваа познато древно светилиште.

– Нека ни е честит Денот на независноста! 8 Септември ја симболизира сувереноста, независноста и самостојноста на Македонија, стои меѓу другото во честитката упатена од Куртовски, Советот и општинската администрација.