Прогласувањето на најдобрите екипи од годинашново јубилејно издание на гевгелиската смоквијада го означи крајот на празникот на смоквата што се одржа во организација на граѓанското здружение „Тера“, под покровителство на Општина Гевгелија.

Според оценката на стручното жири, највкусното и најслатко слатко од зрели смокви го направија Милена Кнежевиќ и Љубица Ангова Аврамова, кои го освоија првото место пред Ѓурѓица и Милена Прочкови и Сашко и Светлана Михајловски, а третото место го поделија Томе и Ангелина Перунковски и Доца и Сашка Јованови.

– Општина Гевгелија расте со традиционалната манифестација „Смоквијада“ покрај пандемијата која втора година не успева да го спречи ширењето на прекрасниот мирис од подготвувањето на слаткото од смокви – изјави градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков пред доделувањето на наградите.