Стопанската комора на Србија (ПКС), како членка на Коморски инвестициски форум на Западен Балкан, ги поканува компаниите до 15 септември да аплицираат за бесплатно учество на Дигиталниот самит на Западен Балкан кој во рамки на програмата за регионална соработка што ќе се одржи во Подгорица од 11 до 13 октомври 2021 година, јави дописникот на МИА од Белград.

-Со поддршка на ЕУ, 30 избрани стартапи, микро и мали компании од Западен Балкан, од кои пет се од Србија, имаат можност да учествуваат во специјално креирана програма за време на четвртиот Дигитален самит на Западен Балкан. Крајниот рок за поднесување апликации и придружни документи е 15 септември, а листата на избрани компании ќе биде достапна до 20 септември 2021 година, соопштија од ПКС.

Активностите вклучуваат практична обука за важни теми како што се организација на компанијата, пристап до финансии, како да се промовира услуга или производ и други деловно-критични прашања. Претставниците на компаниите ќе имаат можност да присуствуваат на панел-дискусии во рамките на Дигиталниот самит, а ќе се организира и заедничка работилница со цел да им се помогне на стартапите, микро и малите компании да ги надминат предизвиците и најчестите грешки на почетниците.

Како дел од подготовките за учество на самитот, ќе биде подготвена заедничка презентација на сите компании за промовирање на нивните ИТ решенија. На избраните стартапи ќе им се овозможи бесплатно претставување на виртуелниот саем како дел од онлајн платформата за самитот. Виртуелните штандови достапни за пошироката јавност ќе бидат одлична можност за онлајн презентации на компаниите, нивните производи и услуги, а се планираат и B2B состаноци преку истата платформа.

Условите за бесплатно учество се компанијата да е со седиште во една од економиите на Западен Балкан, да е регистрирана како микро или мала компанија, има годишен обрт до еден милион евра, работи помалку од пет години и да има развиено ИТ решение.

Приоритет се дава на решенијата кои имаат директна примена во автомобилската, прехранбената, гумената и пластичната индустрија, земјоделството и циркуларната економија, се наведува во соопштението на ПКС.

Дигиталниот самит во Подгорица ќе собере претставници на влади, компании, регионални организации, граѓански организации, академици и млади луѓе со цел воспоставување дигитална платформа за размена на идеи и предлози.