Братството на Свештената Бигорска Обител, предводено од игуменот, епископот г. Партениј, изрази длабоко и искрено сочувство по синоќешниот несреќен настан во Тетово, во кој, при пожар во модуларна болница, животот трагично го загубија 14 лица, а повеќемина беа повредени.
– Нашето братство со усрдност се моли за покој на душите на постраданите, за брзо закрепнување на повредените и за утеха на ожалостените семејства. Исто така, ја искажува својата голема благодарност кон медицинскиот персонал и кон граѓаните што пожртвувано се вложија себеси за спречување на поголема катастрофа и за спас на што повеќе човечки животи. Нека милосрдниот Бог ги награди за нивниот подвиг и човекољубие, се наведува во објавата.
Искрено и најдлабоко сочувство до семејствата на починататите искажа и дебарското муфтиство, кое на повредените им посакува побрзо закрепнување. – О Господе, помилувај ги оние што починаа и издигни го до рајските височини, дај им трпение и сила на нивните најблиски да се соочат со искушенијата. Бог на повредените нека им даде сила за побрзо закрепнување, стои во објавата на дебарското муфтиство.
Сочувство и солидарност преку објава на Фејсбук искажаа и градоначалниците на трите општини од дебарскиот регион, Хекуран Дука, на Дебар, Медат Куртовски, на Маврово и Ростуше, и Аријан Ибраим на Центар Жупа. Исто така, посакуваат брзо закрепнување на повредените.