Денеска започна со работа десеттиот состав на албанскиот законодавен дом, со враќање на опозицијата во собраниската сала, која ја напушти во февруари 2019 година.

Според деловникот седницата ја водеше Лулјета Божо, најстарата пратеничка која повика на соработка меѓу партиите.

Се очекува 140-те нови пратеници да положат заклетва во 17 часот во текот на вториот дел од денешната седница, кога се очекува и избор на нов претседател на Собранието.

За оваа функција социјалистите ја предложија Линдита Никола, универзитетска професорка, но постапката прецизира дека нејзиното име ќе треба да го предложат најмалку 15 пратеници, а изборот е со тајно гласање.

„По долга професионална кариера, чест ми е да го отворам 10-тото парламентарно законодавно тело. Се чувствувам возбудено бидејќи никогаш досега оваа почесна сала немала толку многу девојки и жени во своите редови. Не само што сум горда на овие достигнувања, туку длабоко сум убедена дека ова законодавно тело долго ќе се памети по рушењето на бариерите и родовите стереотипи, зајакнување на улогата на жените. Презедовме голема одговорност, за историската мисија, да ја водиме Албанија кон Европа. Да се создаде Албанија која идните генерации ќе ја обожуваат, рече меѓу другото Божо.

Додаде дека потенцијални поддржувачи на овие реформи остануваат САД, најмоќниот сојузник на Албанија, ЕУ и други.

-Продолжуваме да се соочуваме со два предизвика поврзани со закрепнување, земјотресот и пандемијата. Сите заедно ќе успееме. Дами и господа. Народот не избра со својот глас, да работиме без партиски бои. успешно да ја извршува чесната работа на пратеник. Добра работа на сите, лево и десно. Ние работиме за доброто на нашата земја. Во овој процес ќе имаме поддршка од Албанците. Успешна работа за сите, посака Божо.

Во собраниската сала, како што и најави беше и Сали Бериша, но беше седнат одвоено од пратеничката група на неговата Демократска партија, откако лидерот Љуљзим Баша синоќа соопшти дека го исклучува од парламентарната група, откако американскиот Стејт департмент го прогласи за персона нон грата.

Бериша пред парламентот беше пречекан со ракоплескање од негови поддржувачи, кои извикуваа „Бериша, Бериша, оставка на Баша“, како и од неколку сопартијци, кои не се согласуваат со одлуката на Баша.