До денес во 14 часот во Општинска изборна комисија во Тетово доставена е само една листа со кандидати за советници за претстојните локални избори. Според искуствата во изминатите изборни циклуси во ОИК Тетово очекуваат субјектите кои сакаат да учествуваат на изборите пријавите со имињата на кандидати за советници и градоначалник да ги достават во последниот ден од рокот утре, сабота 11 септември, до 24 часот.
-Праксата покажува дека се доставуваат листите со кандидати на денот кога истекува рокот, вели Назми Даути, секретар во тетовската Општинска изборна комисија.
Досега е доставена листа со 31 кандидат за советници од граѓанската иницијатива „Подобро за Тетово“. Голем број партии досега имаа партиски средби и состаноци по кои информираа дека направиле внатрепартиски избор на кандидати за градоначалници и носители на советничките листи. Познато е дека за градоначалник на Тетово ќе се борат Теута Арифи од ДУИ, Вулент Мурсели од Алијанса за Албанците и Алтернатива, Сади Беџети од ДПА, Хамдија Елезовиќ од СДСМ и Билал Касами од Движење Беса.