Дигиталниот самит на економиите на Западен Балкан, кој се организира во октомври, се одвива во глобално предизвикувачка ситуација, поради што е важно да се здружат силите и да се разменат дигитални искуства за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните, изјави црногорската ресорна министерка Тамара Срзентиќ.

– Го организираме дигиталниот самит во годината кога подготвуваме стратегија за дигитална трансформација во Црна Гора и ги иницираме процесите со кои започнавме организациски промени во рамките на јавната администрација, промена во деловната култура што значи дека сите процеси во администрацијата треба да се водат од потребите на граѓаните, рече Срзентиќ, јавува Мина.

Таа додаде дека агендата на четвртиот дигитален самит, кој ќе се одржи од 11 до 13 октомври во хибриден формат во Подгорица, ќе отвори нови перспективи за лидерите кои доаѓаат од владата, деловната или академската заедница и граѓанските организации, оние посветени на европските перспективи на Западен Балкан, како и ИКТ заедницата.

– Темите на самитот обезбедуваат силна основа за владите, економијата, училиштата, болниците и универзитетите да станат поефикасни и иновативни и да ги зајакнат младите луѓе преку развој на дигитални вештини, вели црногорската министерка.

Таа рече дека дигиталната економија, вештините и компетенциите, инфраструктурата и поврзаноста, довербата и безбедноста се клучните теми на агендата на најважниот регионален настан оваа година во областа на дигитализацијата.

Дигиталниот самит на Западен Балкан се одржува како дел од Берлинскиот процес и иницијативите на Регионалниот совет за соработка, а неговата важност е потврдена преку новиот четиригодишен акциски план за Заедничкиот регионален пазар (ЦРМ), пренесува Мина.

Домаќин и организатор на самитот е црногорското Министерство за јавна администрација, дигитално општество и медиуми.