Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, по седница на Кризниот штаб за сузбивање на епидемијата на коронавирус, изјави дека епидемиолошката состојба во Србија станува се посложена и дека најважните мерки кои треба да се применат се: вакцинација со прва доза, трета доза вакцинација и вакцинација за млади. „Тоа се мерките! Луѓе, вакцинирајте се, особено младите .. Не е потребно Кризниот штаб да донесе нови мерки”, изјави Брнабиќ, пренесува дописникот на МИА од Белград.

Брнабиќ на прес конференцијата кажа дека Србија „се подготвува за воведување на Ковид сертификат”.

-Се подготвуваме за воведување на ковид сертификат доколку е потребно. За неколку дена ќе донесеме одлука, а на Кризниот штаб се договоривме за подготовки за ковид сертификатот, кажа Брнабиќ.

Таа додаде дека во Србија, 52,2 отсто од населението се вакцинирани, 50,1 проценти биле ревакцинирани, а 318.858 лица или околу шест проценти ја примиле третата доза.

Исто така, таа изјави дека само во три белградски локални самоуправи процентот на вакцинирани е над 70 отсто.

Кога станува збор за вакцинирање на младите луѓе, таа изјави дека има само осум локални самоуправи во кои процентот на вакцинирани млади луѓе, помеѓу 18 и 30 години, е над 30 отсто.

-80 отсто од заразените се помлади од 60 години, а секој трет заразен е помлад од 20 години, кажа Брнабиќ.

Што се однесува до училиштата, нејзиното барање е децата да одат на училиште што е можно подолго, бидејќи, како што рече, тие се најбезбедни таму.

Брнабиќ повтори дека единствет начин да се победи коронавирусот е вакцинацијата.

-Со овој процент на вакцинација, не можеме да останеме стабилни, предупреди срспката премиерка