Претседателот на Социјалистичката партија на Србија (СПС), Ивица Дачиќ, изјави дека таа партија и Српската напредна партија (СНС) треба да го имаат Александар Вучиќ како заеднички кандидат на претстојните претседателски избори, јави дописникот на МИА од Белград.
-Имавме иста таква одлука на последните избори и се покажа дека е вистинската. Вучиќ е персонификација на нашата заедничка политика, а начинот на кој ја извршува должноста претседател на Србија е израз на она што и ние и СНС сакаме да го спроведеме кога станува збор за Србија, изјави Дачиќ за Блиц.
Тој оцени дека личниот рејтинг на Вучиќ меѓу граѓаните е убедливо највисок, па не гледа зошто СПС би имала дилема.
-Што се однесува до оние приказни за некакво сливање на СПС во СНС, и дека, претпоставувам, ќе не проголтаат, па тоа го слушам девет години откако сме во коалиција, кажа Дачиќ.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека Социјалистичката партија на Србија (СПС) има можност сама да избере дали ќе учествува на следните избори во коалиција со Српската напредна партија (СНС) и дали ќе има заеднички кандидат за претседател на државата.
-И што и да изберат, ние нема да зборуваме лошо за последните осум или девет години, бидејќи и со нивна поддршка направивме многу заедно,а граѓаните ќе треба да оценат и проценат, изјави Вучиќ во Краљево.