Книгата „Слаткозборки“ од Александра Симова и илустраторката Ирина Атанаскова вечер ќе биде промовирана во паркот пред Културно-информативниот центар – Скопје. Издавач на делото е „Чудна шума“.

Книгата ќе ја промовираат Оливија Георгиевска и Билјана Црвенковска. Извадоци од книгата ќе чита Александра Симова.

Осмислена со концепт десерти, книгата „Слаткозборки“ е всушност збирка песни посветени на традиционално познати и омилени локални десерти. Секоја песна илустрира одреден десерт, при што тој е персонифициран на начин што првенствено ја привлекува публиката на возраст од 6 до 10 години.

Александра Симова е родена во Скопје, во 1980 г. Дипломирала на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот Факултет во Скопје и магистрирала Културолошки студии на Институтот за македонска литература во Скопје, со фокус на креативните индустрии како стратегија за економски раст. „Слаткозборки“ е нејзина прва сликовница.

Ирина Атанаскова е млада илустраторка која зад себе веќе има неколку книги за деца. Таа веќе работи и на својата прва авторска книга за деца.