Оркестарот на Филхармонија вечер од 20 часот ќе гостува во Домот на култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, каде што ќе ја изведе симфониската поема „Петре и волкот“ од Сергеј Прокофјев наменета за најмладата публика.

Диригент е Борјан Цанев, а наратор е актерот Мартин Јордановски, кој ќе ги води децата низ авантурите на Петре.

„Петре и волкот“ е меѓу најпознатите дела на рускиот композитор Прокофјев и е неизоставен дел од репертоарот на сите симфониски оркестри, особено во театрите за деца.

– Делото е напишано за наратор и оркестар, чии поединечни инструменти или групи на инструменти ги претставуваат ликовите во приказната. На тој начин младите слушатели се запознаваат со составот на оркестарот, наведува Филхармонијата.