Членките на Алијансата на туристичката индустрија во Бугарија (АТИБ) се разочарани од составот на новата техничка влада и особено од повторното присуство на министрите за туризам, Стела Балтова, и за здравство, Стојчо Кацаров. Ова го нагласи туристичкиот бизнис во писмена изјава испратена до претседателот на Бугарија Румен Радев, јави дописникот на МИА од Софија.

Според организацијата, Балтова не ја ужива нивната доверба. Алијансата на туристичката индустрија во Бугарија му предлага на претседателот Румен Радев да го ревидира неговиот указ за именување на двајцата министри, а самата Балтова да поднесе оставка, бидејќи туристичкиот сектор не сака да работи со неа поради нејзината неактивност и недостаток на сериозни мерки за да им помогне да преживее бизнисот во последните четири месеци.

Туристичката индустрија во Бугарија протестира од почетокот на септември.

Алијансата на туристичката индустрија во Бугарија изјави дека во партнерство со другата голема туристичка организација – Конфедерацијата на бугарскиот туристички бизнис, ќе продолжат да ги бранат своите права и да се борат за опстанок на компаниите и вработените во секторот со сите легални средства.

Организацијата побара да се направат измени во новата бугарска привремена влада, додавајќи дека тие не се направени од претседателот Радев заради заштитата на одредени политички цели и неподготвеноста да се признае дека некои од позициите во владата формирана од него се погрешен избор. Затоа што, сметаат тие, не е далекувидно да се жртвува цел сектор на економијата на сметка на изборната игра, нагласуваат од Алијансата на туристичката индустрија во Бугарија.