Борбата против сивата економија и корупцијата преку итна дигитализација на државната администрација и финансиска поддршка за дигитализација на компаниите со примена на системите САП како современи, докажани и проверени дигитални решенија, кои овозможуваат поголема ефикасност, ефективност и поголема продуктивност, беа само некои од темите на работната средба меѓу претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), Коста Петров.

На средбата стана збор и за заеднички проектни активности на Комората и Фондот со цел поддршка на реалниот сектор.

Азески ги презентираше актуелните проекти и стратешките активности на Комората, ставајќи акцент врз поддршката на компаниите во нивните извозни активности, за кои особено значење имаше примената на нови технолошки решенија, иновации, што е и во рамките на полето на дејствување на Фондот. Во таа насока, за очекување е дека најмоќната бизнис-асоцијација, ставајќи се во функција на своите членки, во соработка со ФИТР, ќе треба да воспостави координирано институционално дејствување, за да се постигне и поголем економски раст на национално ниво. Улогата на Фондот, вели Азески, е да ги поддржи и да ги поттикне компаниите во изнаоѓањето форми на инвестиции, преку финансиска поддршка за производствените, извозните и за иновативните решенија, во насока на нивна поголема конкурентност на странските пазари.

Петров ги образложи приоритетите на Фондот за следните две – три години, преку помош и поттикнување на развојот на реалниот сектор, вклучувајќи ги и стартап компаниите кои нудат иновативни и технолошки развојни производи и на кои им недостига поддршка, финансиска и системска, но и нивно поврзување со средни и со големи успешни компании, кои би ги развиле нивните иновативни и развојни производи до крајна употребна вредност. Како проект од ФИТР, се најави идејното предлог-решение за Технолошкиот парк, за кој се побара заедничо дејствување во процесот на развој и на примена на ова решение.

Претседателот Азески искажа благодарност што ФИТР ја препознава Комората, која следната година одбележува еден век постоење, како партнер за своите развојни проекти и предложи преку заеднички континуирани работни средби на тимови од двете институции да се продолжи со изнаоѓање решенија, како и со градење различни механизми, алатки и можности, кои ќе значат поддршка за бизнисот, која ќе овозможи економско заздравување, но и забрзан раст на економијата во следните години.


Администратор
17/09/2021 13:06