Наставниците од паралелките на турски јазик во Средно општинско училиште Гостивар (СОУ) почнаа бојкот на наставата. Како причина ја наведуваат одлуката на ресорното министерство за укинување на една паралелка во прва година. Годинава во гостиварската гимназија 53 ученика кои се запишани за нaстава на турски јaзик ќе учат во две паралелки, наместо во три, како што беше лани. До управата и надлежните институции, вчера беше доставена информација за бојкотот. Денес, претладне, наставниот кадар излезе пред училишната зграда и симболично го најавија прекинот на наставата.

Аким Дико, раководител на наставата по турски јазик во гимназијата напомена дека бојкотот на наставниот процес ќе остане на сила се додека одлуката не се промени. Наставниците сметаат дека укинувањето на една паралелка претставува етничка дискриминација врз турската заедница.

Од училишната управа на гостиварската гимназија информираат дека одлуката за затворање на еден од трите класа по турски јазик е на Министерството за образование и наука, иако за оваа учебна година побарале бројот на паралелки да остане ист, како и претходните години. Директорот Мирсад Исеини напомена дека во МОН било решено да има само две паралелки со настава на турски јазик со образложение дека тие се толку потребни врз основа на бројот на ученици кои се примени.

– Намалување има и на паралелките на албански јазик, единствено бројката на македонски јазик останува иста. Ние, секоја година поднесуваме барање за прелиминарна настава и за колку класови. Тоа го испраќаме до општината, а од таму оди во министерството, каде се носи конечната одлука, според одредени параметри. Наставниците од друга страна имаат право да протестираат и тоа е демократско право, рече Исеини.

Аким Дико нагласи дека со затворањето на една паралека, оваа година четворица наставници се под ризик да останат без работа, додека останатите ќе добијат помали плати. Следната година, ако одлуката не се промени без работа, ќе останат осум наставници.

Директорот не можеше да потврди дали одлуката може да се промени, со оглед дека веќе учебната година е започната. Тој посочува дека намалувањето на бројот на класови за оваа година нема да резултира со отпуштање, но не знае како ќе биде за следната.

Годинава заради малиот број на ученици, во гимназијата бројот на паралеки се намали за две на албански и една на турски јазик. Управата бараше девет на албански, три на турски и две на македонски јазик.

За 102 ученици Албанци, запишани во гимназијата во Гостивар, МОН одлучи да има седум паралелки, за 52 ученика за турски јазик има две паралелки и две паралелки на македонски јазик за 16 ученици.

Во гостиварската гимназија настава на турски јазик изведуваат 28 наставници. Таа се изведува од 1956 година, а последните 20 години постојано се одржуваа во три паралелки.


Администратор
17/09/2021 16:13