Офицерскиот дом во Битола е најзначаен културно историски објект во Битола, кој се наоѓа во централното градско подрачје, а кој долги години беше запуштен и оддаваше лоша слика за целата околина. Токму затоа преку Проектот за локална и регионална конкурентност се заложивме за негова реставрација, со цел да го вратиме неговиот стар сјај и уникатност, истакна вицепремиерот Фатмир Битиќи, кој денеска беше во посета на Битола со цел увид во активностите на потпроектот „Зголемена туристичка понуда на Пелагонискиот регион преку реставрирање и адаптирање на Офицерски дом заедно со партерното уредување“.

Тој посочи дека направиле увид на завршените работи, посочувајќи дека сите можеме да се увериме во неговата архитектонска убавина и импозантност и да бидеме горди дека овде во нашата Битола има ваков репрезентативен објект на кој многу можат да ни завидуваат.

– Оваа инвестиција е само дел од реализираните активности при Проектот за локална и регионална конкурентност кој има за цел да ги подобри туристичките потенцијали во 10 различни дестинации во земјава. Реконструкцијата на објектот и неговата околина чини вкупно 58.792.610,00 денари, од кои 52.913.349,00 денари беа обезбедени од Проектот за локална и регионална конкурентност додека Општина Битола учествуваше со 5.879.261,00 денари, информираше Битиќи.

Тој додаде дека објектот е реставриран по сите стандарди и оти се почитувани неговите историски специфики.

– Слободно можеме да го сместиме меѓу културно-историските богатства на нашата земја. Објектот го одразува духот на овој град, град богат со историја и култура, на битолчани кои се надалеку познати по својот космополитизам и богата градска традиција. Наша заложба како Влада е рамномерен регионален развој, бидејќи секој град, секој дел од нашата земја е подеднакво важен, и треба да се развива, изјави вицепремиерот.

За време на посетата, градоначалничката на Битола, Наташа Петровска ги претстави досега преземените активности во Офицерскиот дом во Битола, како дел од неговата реставрација која се одвиваше во изминатиот период.

Беше извршена санација на внатрешниот и надворешниот дел на еден од најважните културно-историски објекти во Пелагонија кој бил граден во периодот помеѓу 1909 и 1911 година, а официјално е завршен во 1919 година. Овој објект е обележје на град Битола и сè уште претставува споменик на битолската култура.

Реставрацијата која се одвиваше во рамките на овој потпроект вклучува зачувување и реставрација на фасадните скулптури, промена на фасадaта, како и внатрешна реставрација.

Петровска наведе дека веќе е завршена замената на внатрешната столарија и санацијата на тоалетите, а поставен е и нов систем за внатрешно и надворешно осветлување, како и термичка изолација со соодветен систем за греење и ладење. Партерното и хортикултурно уредување, како што додаде таа, околу Офицерскиот дом претставува последен чекор од процесот на рехабилитација и според планот, а истиот ќе биде пуштен во употреба кратко по завршувањето на работите во дворот на објектот.

– Офицерскиот дом беше реалност на едно време, децениска носталгија на секој битолчанец, а денес повторно станува функционален дел од културното живеење на градот. Во оваа прилика сакам да искажам голема благодарност до Европската Унија и Проектот за Локална и Регионална Конкурентност, администриран од Светска банка за финансиската поддршка. Би сакала да посочам и дека покрај во самите зафати за објектот, општината инвестираше и во обезбедувањето на инфраструктура околу Офицерскиот дом, како и партерно и хорикултурно уредување, за што вложени се над 572 илјади евра, истакна Петровска.

Градоначалничката на Битола посочи дека се работи и на улицата со пристап до Офицерски дом. Сè на сè, како што нагласи таа, станува збор за инвестиција над 859 илјади евра од буџетот на Општина Битола, во овој многу значаен дел за нашата општина.

– Она што е особена радост за мене е што конечно нашиот сон за оваа прекрасна градба – Офицерскиот дом, е исполнет. Да ја чуваме душата во него, изјави Петровска.

Проектот за локална и регионална конкуретност е водечки проект за развој на туризмот во државата преку кој се поддржани 57 потпроекти кои ги спроведуваат општини, микро и мали претпријатија, како и асоцијации кои работат во областа на туризмот во сите 10 туристички дестинации низ земјава. Целта на проектот е да го зголеми учеството на туризмот во локалниот економски развој преку подобрување на инфраструктурата, унапредување на капацитетите за сместување и угостителство, збогатување на туристичката понуда и зголемување на конкурентноста на туристичкиот сектор.

Проектот за локална и регионална конкурентост е финансиран од Европската Унија и Владата на Република Северна Македонија, се администрира од страна на Светска Банка, а се спроведува од страна на Кабинет на Заменик Претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори.