Во Палатата на Србија во Белград во тек е нова седница на меѓупартискиот дијалог меѓу власта и опозицијата, со посредство на европски парламентарци, но на истата не учествува дел од опозициските партии, кои вчера го напуштија дијалогот, јави дописникот на МИА од Белград.
Партијата на слободата и правдата (ССП), Движењето за промени, Движењето на слободни граѓани (ПСГ) и Демократската партија (ДС) одлучија да не учествуваат во продолжение на разговорите, и како што им рекоа на новинарите „власта ги отфрлила сите предлози во врска со изборите и застапеноста на опозицијата во медиумите“.
Драган Ѓилас од ССП изјави дека документот што го понудија европратениците е оценет како неприфатлив, бидејќи не нуди конкретни решенија или механизми.
Претседателот на Собранието на Србија, Ивица Дачиќ, во пресрет на денешниот состанок утринава изјави дека на седницата на меѓупартискиот дијалог што се води со посредство на Европската унија, актерите ќе се обидат да дефинираат текст што би претставувал компромис, дури и со партиите кои, како што рече, „само бараат алиби за да не излезат на претстојните избори“.
Тој за ТВ Хепи изјави дека тоа не е лесна работа, бидејќи 15 партии или платформи кои се „повикани од Европејците“ да учествуваат во процесот, сите имаат забелешки, а некои партии „само сакаат да го користат дијалогот за (сопствена) промоција”.
– (Претседателот на ССП Драган) Ѓилас вчера побара да не се разговара за документот на ЕУ, туку за документот што тој го подготви. Кога ова не беше прифатено, тие не учествуваа во попладневниот дел од седницата. Другите учесници останаа, изјави Дачиќ.
Тој изрази надеж дека до денеска напладне, сите учесници ќе се договорат за текстот на предлогот „што во текот на ноќта претставниците на Европскиот парламент се обидоа да го дефинираат“.
Поранешниот пратеник и учесник во меѓупартискиот дијалог, Ѓорѓе Вукадиновиќ, кој денеска учествуваше во дијалогот, изјави дека за него, како и за другите членови на здружената опозиција собрани околу Народната партија (НС) и Движењето за Слободна Србија, е неприфатлив конечниот документ од 16 точки, кој предвидува мерки за унапредување на изборниот процес.
– Сите предлози од документот се суштински засновани врз принципот на „коза што чува зелка“, им изјави Вукадиновиќ на новинарите во Палатата на Србија, каде што е во тек последниот состанок на учесниците во меѓупартискиот дијалог и медијаторите од Европскиот парламент.
Тој, исто така, нагласи дека ниту еден од предлозите и амандманите на опозицијата не бил усвоен.