Културата не е секогаш во центарот на вниманието и на неопходно ниво, покажуваат резултатите од анонимната анкета спроведена од страна на Институтот за наука, алтернатива, култура и уметност (ИНАКУ), во пресрет на локалните избори.

Анкетата се однесува на културните потреби и културната потрошувачка во локалните средини и со неа биле опфатени 1.220 испитаници. Целта е да се согледаат различните димензии на културните потреби и различните нивоа на културната потрошувачка на територијата на државата.

Од испитаниците 61,7 проценти оцениле дека најмногу недостасуваат театарски претстави и тоа на отворено, 45,9 отсто се изјасниле дека недостасуваат филмски проекции и 60,8 отсто од испитаниците истакнале дека недостасува хумор и сатира.

Во анкетата, 7,2 проценти одговориле дека воопшто не посетиле програми во културата во текот на целата година, а 20,1 отсто дека тоа го направиле само еднаш годишно. Додека пак, 43,5 проценти дека тоа го прават два пати годишно.

Во однос на културната понуда, 15,8 проценти се задоволни од понудата и велат дека е таа добра,19,6 лоша, а дури 42,2 отсто одговориле дека не можат да ја оценат програмата.

На прашањето како се информирате за културните настани и програми, 56,5 проценти одговориле дека добиваат информации преку социјалните мрежи, 20,2 проценти преку електронските медиуми, 10,2 отсто преку печатените медиуми.

Како што информираат од Институтот, заклучокот е дека културата и уметноста се подложни на постојани искушенија и предизвици, падови и растежи, и според испитаниците – евидентен е дисконтинуитетот и кампањското работење и однесување.

Граѓаните очекуваат по локалните избори, во сите локални средини културата и уметноста да бидат повеќе застапени и издигнати на повисоко културно и уметничко рамниште, со цел населението да консумира поквалитетни, поразновидни и посодржајни духовни, културни и уметнички вредности и содржини.


Администратор
22/09/2021 02:29