Демократската партија на социјалистите (ДПС) ќе поднесе предлог до Собранието на Црна Гора за иницирање интерпелација и разрешување на министерот за надворешни работи, Ѓорѓе Радуловиќ, соопшти денеска Андрија Николиќ, член на Претседателството и пратеник на ДПС во Собранието на Црна Гора.

Тој рече дека ќе го поднесе предлогот затоа што Радуловиќ „грубо ја злоупотребил својата службена положба со инструкции на нашите амбасади како да ги известат земјите домаќини за настаните во Цетиње на 4 и 5 септември, еден ден пред да биде формирана Комисијата на Бирото за оперативна комуникација на Владата на Црна Гора која допрва треба да го провери однесувањето на сите учесници и црногорската полиција“.

– Ставајќи го Министерството за надворешни работи во служба за ширење опасни спинови што ги започнаа белградските таблоиди, министерот Радуловиќ е должен да одговори на граѓаните на Црна Гора, врз основа на што состави упатства за нашите амбасади и по чија наредба, рече Николиќ.

Тој го постави и прашањето како МНР, пред официјалните извештаи, утврдило дека „полицијата дејствувала професионално“ и целата вина ја препиша на претставниците на опозицијата, претставувајќи ги како екстремисти.

– Покрај тоа, во документот на Министерството за надворешни работи беа наведени неточни изјави, почнувајќи од датумот на собирот во Цетиње, улогата на актерите од власта и опозицијата и повеќе фалсификувани информации за однесувањето на државните органи и причината за полициска интервенција. Со своите инструкции диктирани во т.н нон-пејпер, министерот Радуловиќ ги стави дипломатските и конзуларните претставници на Црна Гора во функција на фалсификатори на факти и произведе значителни последици за угледот на Црна Гора и нејзините дипломатски претставници во земјите партнери.

ДПС ќе го понуди предлогот за покренување интерпелација и разрешување на министерот за надворешни работи на сите пратенички клубови кои сметаат дека шеф на Министерството не може да биде човек што ја сведува дипломатската служба на ниво на теренска пропаганда, додаде Николиќ.