Никој не понесува одговорност што 18 месеци власта не направи унифициран протокол за лекување на ковид 19. Доктор Андон Чибишев, кој со месеци работеше во ковид -тријажниот центар, е убеден дека високата смртност во Македонија е токму резултат на недостиг на протоколи за лекување.
-Да седнат и да направат еден протокол којшто ќе го препорачаат на сите здравствени институции по хиерархија од најдолу до најгоре, значи од примарна здравствена заштита до терциерна. Да се знае како се лекува ковид пациент. Не, ковид пациентите на еден начин да ги лекуваат во домашни услови матичните лекари, поинаку да се лекуваат во една болница, па во друга болница друга терапија се дава. Овде во нашево окружување, ќе видите дека сите држави имаат унифицирани протоколи според кои лекарите ги третираат пациентите кои имаат ковид инфекција, вели доктор Чибишев, кој е и претседател на Комисијата за здравство на ВМРО ДПМНЕ, за Алфа.
Според него власта е таа која дозволи луѓето да не веруваат во вакцините.
-Во периодот кога сите организирани, сериозни држави трчаа да набават што повеќе вакцини за да имаат на располагање и различни типови на вакцини и доволен број за да го имунизираат населението, ние правевме некакви договори со некои кинески фирми, па тие ни откажуваа, па ќе ни дадат вакцини, па нема да ни дадат… Па се ослонивме на донации, кои што беа во ограничен број. И мислам дека потфрливме и во мотивирање на граѓаните, баш преку такви кампањи, додава доктор Чибишев.