Околу 120 ученици од основните училишта во Струга од денеска ќе почнат да следат настава за основно музичко образование во Основното општинско музичко училиште. Учениците ќе имаат можност да изучуваат соло пеење или некој од избраните инструменти, меѓу кои се пијано, виолина, гитара, кларинет, саксофон, труба, флејта, хармоника и ударни инструменти.

На свеченото отворање синоќа, покрај директорот на училиштето Алтин Зиба, присуствуваа и министерот за информатичко оппштество и администрација Јетон Шакири и градоначалникот на Општина Струга Рамиз Мерко.

Отворањето на училиштето, според министерот Шакири, е многу потребно за град, кој е љубител на уметност, како што е Струга.

– Почнувањето со работа на музичкото училиште е многу важен чекор во унапредувањето на образованието и културата во Струга. Отвораме нови врати за децата и новите генерации. Посакувам денес да ги оствариме малку соништата на нашите талентирани деца, кои со нетрпение чекаа да седнат на клупите на ова училиште за да го нахранат својот мал, но голем уметнички свет. Од сега музиката и уметноста се повеќе ќе бидат присутни во нашиот град, истакна Шакири на отворањето.

Општинското музичко училиште, според градоначалникот Мерко, е многу важен чекор за унапредување на образованието и културата во Струга и пошироко.

– Со отворањето на ова училиште се докажа нашата упорност да го придвижиме градот напред, со музика и уметност, инвестирајќи и негувајќи нови таленти, рече Мерко.

Интересот за изучување на некој од инструментите кај основците, како што оцени директорот Зиба, бил голем. Запишани биле околу 120 ученици, кои ќе изучуваат свирење на еден од избраните инструменти, како и соло пеење.

– Интересот е многу голем. Запишани се околу 120 ученици на рализчни инструменти. Најголем интерес има кај првоодделенците. Оваа година бидејќи е прва година со работа на училиштето, учениците ќе следат подготвителна настава, а од следната ќе почнат со инструментот кој го избрале, појасни Зиба.

Во основното музичко училиште може да учат ученици кои се запишани во редовна настава во некое од основните училишта во општината, а часовите ќе бидат бесплатни.

Новоформираното „Основното општинско музичко училиште“ е сместено во просториите на старата градинка „8 Март“.