Ромскиот културен и едукативен центар „Тернипе МК“ од Делчево го одбележа својот 15-годишен јубилеј. По тој повод синоќа се одржа манифестацијата „Ромски средби 2021“, која има за цел зачувување на традиционалната ромска култура и фолклор, заштита на културното наследство и презентација на духовната култура и традиција.
-Цела година е во знак на јубилејот. Реализиравме проектот кој им за цел зачувување на традиционалната ромска култура и фолклор, заштита на културното наследство и презнетација на духовната култура и традиција. Во рамки на одбележувањето имавме голем број настани како работилници за изучување на ромски ора и обичаи, а во фоајето на здружението имаме и изложба на фотографии, истакнаа од „Тернипе МК“.
Во време на глобална прогресивна технологија народната култура ја губи битката и затоа, како што додадоа од „Тернипе МК“, почитувачите на фолклорот имаат своевидна задача да направат ренесанса на фолклорот, преку пренесување на љубовта кон традицијата на младите генерации и притоа со голема љубов и ентузијазам сето тоа да го претстават на сцена пред публика, на тој начин, како што додадоа, промовирајќи ја народната култура, фолклорот, музиката, песните и народните носии.
Во рамки на настанот беа презентирани ромски народни носии, музички игри и танци, модна ревија, рецитал на тема потекло, култура и јазик на Ромите, а имаше поезија и изведба на песни од вокални солисти. Настанот заврши со доделување признанија, пофалници и дипломи за поединци и институции за одлична соработка со Ромскиот културен и едукативен центар „Тернипе МК“ од Делчево.