До официјалниот почеток на грејната сезона на 15 октомври ќе бидат испорачани сите количини платено огревно дрво до граѓаните, информираат од ЈП „Македонски шуми“, Подружница Шумско стопанство „Беласица“ од Струмица.
Според директорот Љупчо Митров, на граѓаните досега им се испорачани пет илјади просторни метри кубни огревно дрво, количина која е иста со ланската.
-Останува да испорачаме уште 550 метри даб и 400 просторни метри буково огревно дрво. До почетокот на грејната сезона ќе ги испорачаме и овие количини и сите што имаа потпишано договори со нас ќе го добијат огревот, информира директорот Митров.
Годинава јавното претпријатие не ги снабдува училиштата во регионот кои се затоплуваат на дрво, бидејќи таа обврска преку тендери ја презеле приватни снабдувачи.
Инаку, цената на огревното дрво останува иста како лани. Еден просторен метар дабово огревно дрво се продава за 2.470 денари, а буката за 2.370 денари. рт/хс/