Со благослов на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, се подготви и се испечати книгата „Невидлива борба“ од Св. Никодим Агиорит. Оваа книга раскажува за духовната борба која треба да ја води секој православен христијанин, за скалилата и искушенијата кои треба да ги поминеме при нашето растење во духовниот живот, како и за добродетелите кои треба да се стекнат. Ова најново издание од издавачката дејност при Повардарската епархија „Св. Ѓорѓи Полошки“ е превод на Никола Цилаков.

Од Епархијата Повардарска со седиште во Велес, за МИА информираат дека книгата е дело на светиот Никодим Светогорец, монах од XVIII-XIX век.

Исто така, Св. Никодим и Св. Макариј Коринтски се составувачи на Добротољубието во пет томови, чијшто превод на црковнословенски е направен од Св. Пајсиј Величковски, а преводот на македонски јазик го направи блаженоупокоениот архиепископ Михаил.

Од таму појаснуваат дека книгата „Невидлива борба“ е еден вид продолжување или дополнување на Лествицата на Св. Јован Лествичник.

Наменета е за монасите, но и за секој верник. Книгата претставува огромно богатство за секој православен христијанин, за духовно растење, побезбедно поминување низ искушенијата од секојдневниот живот.

Исто така со благослов на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, се подготви и се испечати книгата „Моќта на името“. Оваа книга е зборник од текстови од светите отци, како и од современи богослови посветени на Исусовата молитва. Ова најново издание од издавачката дејност при Повардарската епархија „Св. Ѓорѓи Полошки“ е превод на Станка Бикова.

Како што појаснуваат од Епархијата Повардарска, книгата е еден вид зборник за Исусовата молитва. Кога станува збор за оваа молитва, најпрво помислуваме дека тоа е монашко дело, но, откако ќе ја прочитаме книгата, во која се содржат боговдахновените мислења на светите отци, како и од современи богослови, ќе сфатиме дека секој христијанин, без разлика дали има некаков призив во клирот или се работи за обичен верник, е повикан да го исполнува ова свештено дело..

Двете книги може да се најдaт во сите храмови на Повардарската Епархија или да се порачаат директно од издаваштвото на Повардарската епархија.


Администратор
23/09/2021 15:55